Компензирачки благослови
Иако многу околности во животот се вон наша контрола, никој од нас не е над дофатот на Господовите бесконечни благослови.
Додека служев во Претседавачката епископија, ја имав привилегијата да се сретнам со Светците од Подоцнежните Дни ширум светот на различни места и од различни култури. Постојано бев инспириран од вашата трајна вера и посветеност на Господ, Исус Христос. Бев трогнат и од различните, често тешки околности со кои многумина од вас се соочуваат: болести, инвалидитет, ограничени ресурси, недостаток на можности за брак или образование, злоупотреба од другите, и други ограничувања или присилувања. На моменти, овие искушенија се чини го спречуваат вашиот напредок и ги предизвикуваат вашите искрени напори наполно да се живее евангелието, отежнувајќи го служењето, богослужењето и исполнувањето на светите обврски.
Почитувани мои пријатели, ако некогаш се почувствувате ограничено или загрозени од околностите во вашиот живот, сакам да го знаете ова: Господ лично ве сака. Тој ги познава вашите околности, и вратата до Неговите благослови останува широко отворена за вас без разлика на тоа со какви предизвици се соочувате.
Ја дознав оваа вистина преку лично искуство што, иако наизглед безначајно, остави трајни впечатоци врз мене. Бев на возраст од 22 години, кога служев во француската авијација во Париз, и бев воодушевен кога дознав дека Старешина Нил А. Максвел, Апостол на Господ, ќе зборува на конференцијата на Шанзелизе. Меѓутоа, непосредно пред настанот, добив наредби да одвезам висок офицер до аеродромот точно тогаш кога требаше да се одржи конференцијата.
Бев разочаран. Но решен да присуствувам, затоа го префлив офицерот и побрзав на конференцијата. Откако најдов место за паркирање, истрчав низ Шанзелизе до местото за средба и пристигнав без здив само пет минути пред крајот на средбата. Токму кога влегував, го слушнав Старешина Максвел како вели: „Сега ќе ти дадам апостолски благослов“. Од таа инстанца, имав прекрасно незаборавно духовно искуство. Бев обземен од Духот и изгледаше како зборовите на благословот да продираат во секое влакно од мојата душа, како да беа наменети токму за мене.
Она што го доживеав тој ден беше мала, но моќна манифестација на утешен аспект од Божјиот план за Неговите чеда: Кога околностите вон наша контрола нé спречуваат да ги исполниме праведните копнежи на нашите срца, Господ ќе компензира на начини што ни овозможуваат да ги добиеме Неговите ветени благослови.
Оваа смирувачка вистина е втемелена на три клучни принципи најдени во обновеното евангелие на Исус Христос:
-
Бог го сака совршено секој од нас. „Тој нé повикува сите [нас] да дојдеме кај него и да земеме од неговата добрина“. Неговиот план за искупување им гарантира на сите, без исклучок, дека ќе им се даде праведна можност еден ден да ги добијат благословите на спасение и егзалтација.
-
Бидејќи Бог е праведен и милостив, и Неговиот план е совршен, Тој нема да нé смета за одговорни за работи кои се вон наша контрола Старешина Нил А. Максвел објасни дека: „Бог … со милостивост ги зема во предвид не само нашите посакувани желби и нашите перформанси, туку, и степените на тежина што ни ги наметнуваат нашите различни околности.”
-
Преку Исус Христос и Неговото Помирување, можеме да најдеме сила да истраеме и на крај да ги надминеме сите животни предизвици. Како што поучуваше Алма, Спасителот ги презеде врз Себе не само гревовите на покајаниците туку и „болките и болестите на својот народ“ и „нивните слабости“. Така, освен што ќе нé избави од нашите грешки, Господовата милост и милостивост нé поддржува за време на неправдите, недостатоците и ограничувањата наметнати од нашата смртност.
Добивањето на овие компензирачки благослови доаѓа под одредени услови. Господ бара од нас да сториме „сé што можеме“ и да „му ги принесеме целите [наши] души како принос за него“. За ова е потребен длабок копнеж, искрено и верно срце, и наша најголема посветеност во почитување на Неговите заповеди и усогласување на нашата волја со Неговата.
Кога нашите најискрени напори не ги исполнуваат нашите очекувања поради околности вон наша контрола, Господ сепак ги прифаќа желбите на нашите срца како достојна жртва. Претседателот Далин Х. Оукс поучува: „Ќе бидеме благословени за праведните желби на нашите срца, дури и ако некои надворешни околности нé спречија да ги спроведеме тие желби на дело“.
Затоа што Пророкот Џозеф Смит бил загрижен за својот брат Алвин, кој починал без да ги добие основните евангелски обреди, го добил ова утешно откровение: „Сите оние кои отсега па понатака ќе умрат без да го спознаат [евангелието], кои ќе го примат со сето свое срце, ќе бидат наследници на [селестијалното Божје царство]“. Господ потоа додаде, „Зашто јас Господ, ќе им судам на сите според нивните дела, според желбите на нивните срца“.
Она што е важно за Господ не е само дали ние сме во можност, туку дали сме спремни да сториме сé за да Го следиме како наш Спасител.
Еден пријател еднаш утеши млад мисионер кој тагуваше поради тоа што од здравствени причини беше ослободен од повикот порано од предвиденото, и покрај неговите искрени молитви и најискрена желба да служи. Овој пријател сподели стих каде Господ изјавува дека кога Неговите деца „одат со сé што имаат“ и „не престануваат трудољубиво“ да ги исполнуваат Неговите заповеди, „а нивните непријатели [на пример неповолните околности во нашите животи] ги спречуваат да го извршат тоа дело, ете, редно е, повеќе да не го барам тоа дело од рацете на таквите [синови човечки], туку да ги прифатам нивните жртви“.
Мојот пријател му сведочеше на овој млад човек дека Бог знае дека дал сé од себе да одговори на повикот да служи. Тој го увери дека Господ ја прифатил неговата жртва и дека благословите ветени за сите верни мисионери нема да му бидат ускратени.
Господовите компензирачки благослови често доаѓаат преку љубезност и служење на другите кои ни помагаат да го постигнеме она што не можеме сами. Се сеќавам на времето кога, додека живеев далеку од една од моите ќерки во Франција, се почувствував беспомошен да и асистирам по тешкото породување. Истата недела, нашиот оддел во Јута побара помош за мајка која штотуку родила близнаци. Мојата сопруга Валерија, волонтираше за да донесат оброк за неа, со молитва во нејзиното срце за неискусната мајка и за нашата ќерка која имаше потреба од помош. Набрзо потоа, дознавме дека сестрите од црковниот оддел на нашата ќерка во Франција се организирале за да донесат оброци за нејзиното семејство. За нас, Бог одговорил на нашите молтви, испраќајќи ги Неговите ангели да ѝ донесат утеха кога ние не можевме да го сториме тоа.
Кога се соочуваме со ограничувања и предизвици, треба да ги препознаеме сопствените благослови: нашите дарби, ресурси, и време, и да ги употребиме за да им служиме на оние на кои им е потребна служба. Притоа, не само што ќе ги благословиме другите, туку внесуваме исцелување и компензација во сопствените животи.
Еден од најмоќните начини на кој ние може да придонесеме за Божјите компензирачки благослови е преку заменско дело што го вршиме за нашите предци во Господовиот дом. Кога ги извршуваме обредите во нивно име, активно учествуваме во Господовото големо дело на спасение, користејќи ги дарбите и способностите за да обезбедиме благослови за оние кои немале можност да ги добијат во текот на нивните смртни животи.
Службата која ја нудиме во светите храмови нé потсетува дека Спасителовата милост се протега и после овој живот. Во животот што доаѓа, може да ни се дадат нови можности да постигнеме работи што не можевме да ги постигнеме во овој смртен живот. Говорејќи им на сестрите кои сé уште не го пронашле својот вечен сопатник, љубезно Претседателот Лоренцо Сноу им кажа; „Нема Светец од Подоцнежните Дни кој умира откако живеел живот со вера, и кој изгубил нешто зашто не правел одредени работи кога не му биле дадени можности. … Ваквите светци ќе ги доживеат сите благослови, истата возвишеност, и слава како и секој друг маж или жена што ја имале оваа можност“.
Оваа порака за надеж и утеха е за сите нас, децата на Бог. Никој од нас не може да избега од предизвиците и ограничувањата на смртноста. На крајот на краиштата, сите ние сме родени со вродена неспособност да се спасиме себе си. Но ние имаме Спасител, и „знаеме дека преку [Неговата] милост ќе бидеме спасени, после сé што можевме да направиме“.
Јас сведочам дека иако многу околности во животот се вон нашат контрола, никој од нас не е над дофатот на Господовите бесконечни благослови. Преку Неговата помирувачка жртва, Спасителот ќе компензира за секоја неспособност и неправда ако Му ги понудиме нашите души. Во името на Исус Христос, амин.