Токму пред нашите очи
Црквата на Исус Христос на Светците од Подоцнежните дни расте по бројот на членови и семејства, мисии и мисионери, простории за средби и храмови.
Браќа и сестри, многу сум благодарен што сум со вас. Ве сакаме, благодарни сме за вас, и се чувствуваме благословени од вашите молитви.
Претседателот Расел М. Нелсон рече на нашата последна конференција: „Гледате ли што се случува токму пред нашите очи? Се молам да не ја пропуштиме величественоста на овој момент! Господ навистина го забрзува Своето дело.“
Забрзување на Неговото дело. „Забрзување“ е збор што има моќ да влијае врз луѓето. Тој сугерира брзо движење, забрзано темпо, па дури и брза реакција. Во растот на Црквата и планот на Христос, забрзувањето се случува. И сите ние сме дел од него.
Во април 1834, во Киртленд, Охајо, пророкот Џозеф Смит ги собрал сите свештеници во мала школска куќа, со површина од приближно 14 квадратни стапки (18 метри квадратни). Можеме да сместиме десетици од тие училишни куќички во овој Конференциски Центар, со уште простор за резерва. Џозеф Смит рече: „Ова е само мал грст свештеници кои ги гледате овде вечерва, но оваа Црква ќе ги насели Северна и Јужна Америка – ќе го насели светот.“
Тоа пророштво се исполнува „токму пред нашите очи“. Црквата на Исус Христос на Светците од Подоцнежните дни расте по бројот на членови и семејства, мисии и мисионери, простории за средби и храмови, како и по бројот на запишани во нашите семинарии, институти и универзитети низ целиот свет.
Благодарни сме што сме на земјата во време кога Црквата расте по бројност и влијание, но што е уште поважно, во срцата и животите на нејзините членови. Познати сме како ученици на Исус Христос. Ги споделуваме нашите сведоштва за Него, Неговата Црква, Неговите начини и Неговиот заветен пат. Ние сме Негов народ, и Тој е наш Спасител.
Се восхитувам на она што Претседателот Нелсон го нарекува „величенственоста на овој момент“ и изразувам длабока благодарност кон Господ за Неговото дело. Ги поттикнувам сите нас да стоиме исправено како Негови ученици, сведоци на исполнувањето на пророштвото, од многу одамна и од денешно време.
Има скептици кои викаат: „Еве го овде и еве го онде“ исто како што тоа го правеа во времето на пророкот Џозеф Смит. Сепак, тие се и ќе бидат само обични фусноти во ова благородно дело. Запомнете ги зборовите на Џозеф Смит: „Ниту една несвета рака не може да го спречи напредувањето на делото; прогонствата може да беснеат, но вистината Божја ќе напредува храбро, благородно и независно, сè додека не навлезе во секој континент, не го посети секое поднебје, не ја зафати секоја земја и не прозвучи во секое уво, додека не се постигнат Божјите намери, и Големиот Јехова ќе рече дека делото е извршено“.
За време на моите задачи оваа година, имав место во првиот ред до Господ за да го видам забрзувањето на Неговото дело. Црквата гради храмови со невидена брзина, давајќи им можност на што повеќе членови да му се восхитуваат и да служат во Господовиот дом. Второ, мисионерската работа собира рекорден број членови во стадото на Добриот Пастир, Исус Христос. И трето, црковното образование во многу форми достигнува кулминација според бројот на поучувани лица кои го „бараат овој Исус.“
Денес Црквата има 367 храмови во различни фази на проектирање, изградба или оперирање. И за каква цел? Одговорот е објавен на секој храм: „Светост на Господа“. Храмот го отвора патот кон највисоките благослови што нашиот Отец на Небесата ги има за секој од нас. Браќа и сестри, ја забрзуваме нашата светост додека живееме храмско достоен живот, додека му се восхитуваме и му служиме во Господовиот дом и додека лично склучуваме завети со Бога во име на нашите предци од другата страна на превезот.
Претседателот Нелсон кажа: „Нападите на противникот се зголемуваат експоненцијално, по интензитет и по разновидност. Нашата потреба редовно да бидеме редовно присутни во храмот никогаш не била поголема. Пледирам со вас молитвено да испланирате како го трошите своето време.“ Во Неговиот дом можеме да го почувствуваме светото присуство на Господ и надреалниот спокој.
Минатата година имав привилегија да претседавам на посветувањето на храмот Мендоза во Аргентина. Во мојата порака, се повикав на пророштвото на Старешина Мелвин Џ. Балард од 1926 година дека Господовото дело во Јужна Америка ќе забави за одередно време, „исто како што дабот полека никнува и се развива од еден желад. Тоа нема да се случи ненадејно за еден ден, „туку илјадници ќе се придружат на Црквата, а народите на Јужна Америка ќе станат „сила во Црквата.“ Го видов исполнувањето на ова пророштво толкму пред моите очи.
Мендоза, некогаш мал желад, стана моќен даб. Тој раст се повторува низ континентите и морските острови.
Го гледаме Господовото забрзување на Неговото дело во мисиите. Во 2024 година, 80.000 мисионери служеа во 450 мисии. Триесет и шест од нив се нови мисии. Минатата година мисионерската работа донесе над 308.000 нови членови во Црквата. Повеќе од само бројки, духот на собирањето носи души кон Исус Христос и Неговото евангелие.
Размислувам за апостолите Бригам Јанг и Хебер С. Кимбал кои во 1839 година отпатуваа како мисионери на Британските острови. Тие биле болни; ги оставиле своите семејства болни и бедни. Сепак, двајцата се качиле во вагон и додека сè уште пред очите на своите сакани, Хебер кажал: „Ајде да се исправиме и гласно да ги отпоздравиме“. Двајцата мачно се исправиле и извикале: „Ура, ура за Израел“.
Истиот ентузијазам за Господовото дело го видов и во Лима, Перу, кога се запознав со мисионери од центарот за обука на мисионери и мисии во Лима. Каков поглед! Го видов забрзувањето токму пред моите очи. Сега само во градот Лима, има седум мисии.
На крајот на нашата средба, мисионерите имаа посебно изненадување за мене. Тие застанаа и аплаудираа: „Ура за Израел“. Никогаш нема да го заборавам тој момент; посакувам сите вие да бевте таму. Токму пред моите очи беа мисионери кои ги оставиле „работите на овој свет“ за да му служат на Господ и да помогнат во забрзувањето на Неговото доаѓање.
Го гледаме Господовото забрзување на образовните можности за нашите членови, па дури и за оние кои не се членови, ширум светот. Една од работите што нè издвојува како Црква е нашето нагласување на едукацијата. Во првите денови на Обновата Господ заповедал „барајте учење, и тоа преку изучување и исто преку вера.“ Тоа се случува и денес и заслужува едно силно „Ура“.
Моментално повеќе од 800.000 студенти ширум светот се запишани во семинарии и институти, што е најголемото запишување во историјата на Црквата. Нашата младина се собира на различни начини, од рано наутро, во текот на денот и па се до вечерните часови, потоа часовите на интернет или во домот. Тие се моќен и праведен баталјон, кој добива сила едни од други додека учат за Исус Христос, Го следат и сведочат за Него како Божјиот Син.
Минатата есен говорев на една духовна молитвена сесија во арена полна со ученици од семинарија и студенти од институт и нивните родители на Универзитетот Јута. Нивното присуство кажуваше многу за нивната желба да Го познаат и следат Исус Христос. Мојата порака до тие ученици беше јасна: Дајте му на Господ подеднакво време. Им советував да ги балансираат своите студии со вистинското, повозвишено учење, па дури и проучување на „Синот на живиот Бог“.
Го барам истото од сите денес: Што и да е на вашиот список „на обврски што треба да ги извршам денес“, дајте му подеднакво време, а не само слободно време, на Господ преку лично изучување на светите писма, семејно изучување на Дојдете, Следете Ме, молитва, Црковни повици, служење, учествување во сакраментот, обожување и служење во храмот и размислување за Божјите работи. Нашиот Господ и Спасител рече: „поучете се од Мене … и ќе најдете спокојство за душите ваши“. Верувајте во Неговите зборови И дајте Му подеднакво време.
Претседателот Нелсон рече: „Ве молам да дозволете Бог да надвладее во вашиот живот. Дајте му соодветен дел од вашето време. Додека го правите тоа, приметете што се случува со вашиот позитивен духовен моментум“.
Го гледаме тој моментум како се создава на семинариите, институтите и Црковните универзитети. Во овие средини, Господ претставува приоритет. Така Тој треба да биде приоритет и во сечиј живот.
Друга област што го покажува растечкиот досег на едукација во Црквата е програмата BYU–Pathway. Низ целиот свет, запишувањето надмина 75.000 и продолжува рапидно да се зголемува. Повеќето се членови, а повеќе од една третина се во Африка. Во програмата Pathway се работи за пристап до образование. Завршувањето на курсевите значи пристап до вработување, а пристапот до вработување значи подобар живот за семејствата и повеќе можности да му служат на Господ.
Кога се сретнав со водачите на кол во Уганда, дознав дека целото претседателство на колот било запишано на програмата BYU–Pathway. Колку повеќе сме подготвени временски и духовно, толку повеќе можеме да ги спречиме лукавите напади на противникот. Сетете се на зборовите на Петар: „Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта.“
Сфаќам дека среде добрата вест на евангелието, постојат и такви кои се борат, кои имаат предизвици со верата, сомнежи и прашања кои наизглед немаат одговори. Браќа и сестри, Исус Христос е одговорот. Започнете со Него. Побарајте ја Неговата рака во вашиот живот. Слушајте го Него. „Да не се плаши срцето ваше,“ им рече Тој во своите последни часови на Своите ученици пред Гетсиманија, пред да го понесе крстот низ улиците на Ерусалим, пред Голгота, каде што Тој го заврши Своето помирувачко жртвување, што само Тој, Единородениот Син Божји, можеше да го направи.
Знајте дека Тој разбира. Ги презеде сите наши гревови, грешки, страдања и многу лоши денови за да можеме да живееме повторно со нашиот Отец на Небесата во вечноста. Тој рече: „Угледајте се на Мене во секоја мисла; не сомневајте се, не плашете се.” Верата во Исус Христос може да ве воздигне и да ја излекува вашата повредена душа. Верувајте Му и ќе го забрзате вашето враќање во „рацете на Неговата љубов.“
Уште еднаш ги нагласувам зборовите на нашиот жив пророк: „Гледате ли што се случува токму пред нашите очи? Се молам да не ја пропуштиме величественоста на овој момент! Господ навистина го забрзува Своето дело.“ Нека ние, како ученици на нашето време, извикаме: „Ура за Израел,“ додека се подготвуваме за враќањето на нашиот Господ и Спасител. Во името на Исус Христос, амин.