Моќта на служењето на Едниот
Додека му служиме на еден човек, го покануваме тој да дојде кај Исус Христос и да се поклони во домот на Господ.
Сестри и браќа, ви благодарам за вашата верна посветеност во приближувањето кон Исус Христос во овие предизвикувачки времиња. Вие сте прекрасни; вие сте убави; секој од вас е Божјо дете. Моја молитва е да го препознаеме влијанието на Светиот Дух додека стануваме и си помагаме еден на друг да станеме посветени ученици на Исус Христос, и да ја почувствуваме Неговата радост додека учествуваме во богослужение во домот на Господ.
Претседателот Расел М. Нелсон изјави: „Сега е времето за тебе и за мене да се подготвиме за Второто доаѓање на нашиот Господ и Спасител, Исус Христос. Сега е времето да го направиме нашето учеништво наш највисок приоритет. Во свет исполнет со вртоглави одвлекувања на вниманието, како можеме да го направиме тоа?“
Тој го даде одговорот: „Редовното служење во храмот ќе ни помогне. Во домот на Господ, се фокусираме на Исус Христос. … Го запознаваме Него. … Секој искрен барател по Исус Христос ќе Го најде во храмот..”
Па како да станеме и да си помогнеме еден на друг да станеме посветени ученици на Исус Христос? Ние му служиме на поединецот. Служењето на начин на Спасителот вклучува сочувство, љубезност, трпение и љубов без осудување. Додека му служиме на еден човек, го покануваме тој да дојде кај Исус Христос и да се поклони во домот на Господ за да ја прими Неговата искупителна сила. Со други зборови, си помагаме еден на друг да станеме посветени ученици додека му служиме на еден на начини што водат кон домот на Господ.
Од Исус Христос учиме за силата на служењето на поединецот со љубов и без осудување. Се сеќавате на самарјанката кај бунарот. Оваа жена можеби се чувствувала неважна, осамена, обесхрабрена и невидена. Можеби чувствувала дека не припаѓа. Во текот на својот живот имала пет мажи, а човекот со кого живееше не ѝ беше сопруг. Другите можеби ѝ суделе неправедно, без да ги знаат околностите од нејзиниот живот. Тоа можеби е една од причините зошто дојде сама на бунарот во најжешкиот дел од денот. И сепак, таа беше една од првите на кои Исус Христос им откри дека Тој е Месијата. За Него, оваа жена беше Божја ќерка.
Исус Христос ја научи жената дека преку Него може да се добие вечен живот преку пиење од живата вода. Тој изјави: „кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, … нема никогаш да ожедни; а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, … ќе стане … извор на вода што ќе тече во живот вечен.“
Жената од Самарија ја почувствува љубовта на Спасителот и доби сведоштво преку Духот дека Тој е Месијата. По ова сведоштво, таа се врати во градот и ги покани другите да дојдат и да видат, и мнозина поверуваа дека Исус „е Спасителот на светот, Христос.“ Христос му служеше на еден со љубов; како резултат, мнозина станаа Негови посветени ученици.
Ја учиме моќта на служењето на еден со сочувство од Петар и Јован, апостолите на Христос. Се сеќавате на еден човек, хром од раѓање, кој секојдневно лежеше кај портата на храмот и просеше пари. Овој човек можеби се чувствувал неважен, осамен, обесхрабрен и невиден. Можеби чувствувал дека не припаѓа.
„Но Петар рече: „Сребро и злато јас немам, а што имам, тоа ти давам: во името на Исус Христос од Назарет стани и оди!“
Петар го фати човекот за десната рака, го подигна, и човекот беше исцелен. Веднаш по чудото, човекот влезе во храмот со Петар и Јован, „скокајќи и фалејќи Го Бога.“ Петар и Јован му служеа на еден на начини што водат кон домот на Господ, и човекот стана посветен ученик на Христос.
Мои пријатели, имало моменти во мојот живот кога и јас сум се чувствувал неважен, осамен, обесхрабрен и невидлив. Сум се чувствувал како да не припаѓам. Бев крстен и потврден како член на Црквата на Исус Христос на Светците од Подоцнежните Дни кога имав 19 години. Една година подоцна, ја прифатив повикот да служам како мисионер, но имаше многу нешта што сè уште не ги знаев за историјата на Црквата.
Рано во мојата мисионерска служба, дознав дека постоел период кога луѓето со потекло од црна африканска раса не можеле да ги уживаат сите благослови од служењето во домот на Господ. Ова сознание за првпат ми донесе чувства на гнев, конфузија, сомнеж и страв. Тие чувства беа толку интензивни што мојата способност да го препознаам Светиот Дух беше изгубена за извесен период.
За среќа, имав прекрасен мисионерски сопатник, Кевин Вик, кој ми служеше со љубов, трпение и добрина. Секоја вечер, додека ги сведочеше моите чувства на сомнеж и несигурност, едноставно му велеше на помладиот Старешина Џонсон: „Те сакам.“ По отприлика две недели си дозволив да ја почувствувам љубовта на Кевин. Собрав храброст да се помолам на Небесниот Отец во името на Исус Христос.“ Додека се молев, бев привлечен кон секција 6 од Учење и Завети, стихови 21–23, каде што пишува:
„Ете, Јас сум Исус Христос, Синот на Бог. … Јас сум светлината која сјае во темнината. …
„… Фрли го твојот ум врз таа ноќ во која си плачел при Мене во срце, за да можеш да знаеш во врска со вистината за овие нешта.
„Зарем Јас не ти дадов мир во твојот ум во врска со работата? Кое поголемо сведоштво може да го имате отколку од Бог?“
Додека читав, се сетив. Се потсетив на денот кога постев и се молев за да дознаам дека Книгата на Мормон е Божјо слово и дека Џозеф Смит е пророкот на Обновувањето. Се потсетив на заветите што ги направив во домот на Господ, кои ме поврзуваат со Исус Христос на толку личен и интимен начин. Ја почувствував љубовта на Спасителот, Неговата милост и Неговото уверување дека Црквата на Исус Христос на Светците од Подоцнежните Дни е Неговото царство на земјата и е неопходна за да нè подготви за Неговото Второ Доаѓање. Бидејќи се потсетив, повторно бев способен да го препознаам Светиот Дух и да разберам подлабоко дека Исус е Христос и дека јас сум Негов ученик.
Понекогаш ќе имаме неодговорени прашања и чувства дека сме неважни, обесхрабрени, осамени и невидливи. Сепак, мои пријатели, мораме да продолжиме напред со вера во Исус Христос и да се потсетиме на Неговите зборови:
„Нека вашето срце не биде вознемирено.“
„Во светот ќе имате маки; но не плашете се, зашто Јас го победив светот.“
Јас сум сведок на оваа реалност и на ветениот благослов од Спасителот.
Што можеме да направиме за да осигуриме дека нашето служение кон поединецот е најефективно? Живеењето според учењето на Христос ќе ни помогне. „Живеењето поред учењето на Христос,“ како што го опишува Претседател Нелсон, „може да создаде најмоќен доблестен циклус, создавајќи духовен моментум во нашиот живот.
„Додека се стремиме да ги живееме повисоките закони на Исус Христос … Спасителот нè издигнува над привлечноста на овој паднат свет, благословувајќи нè со поголема љубов, смиреност, дарежливост, добрина, самодисциплина и мир.“
„Моментумот произведен од живеење на учењето на Христос,“ објаснува Старешина Дејл Г. Ренлунд, „не само што ја засилува трансформацијата на нашата божествена природа во наша судбина, туку и нè мотивира да им служиме на другите на соодветни начини.“ Старешина Ренлунд нè потсетува дека „работата на Спасителот е да исцелува [да нè направи целосни]. Нашата работа е да љубиме — да љубиме и да служиме на таков начин што другите ќе бидат привлечени кон Исус Христос.“
Нашата способност да живееме според учењето на Христос ќе биде збогатена преку секојдневно проучување на Книгата на Мормон и неделно учество во сакраментот. Претседател Нелсон изјави дека Книгата на Мормон „го учи учењето на Христос … и обезбедува најцелосно и најавторитативно разбирање на Помирувањето на Исус Христос што може да се најде било каде.“ Ја сакам оваа книга. Со молитвено учество во сакраментот секоја недела, ќе го зголемиме нашето разбирање за Помирувањето на Исус Христос и за Неговото учење, и ќе добиеме духовно обновување, утеха и сила на божност во нашите животи. Запомнете, „во обредите [на свештенството], моќта на божественоста е прикажана,“ и таа сила, силата од и преку Исус Христос, ја зајакнува нашата желба и способност да му служиме на поединецот.
Моето проучување на Книгата на Мормон и учеството во сакраментот ги намалува чувствата на обесхрабреност, ја засилува мојата решеност да служам на поединецот на начин како Спасителот, и ми помага учеништвото да стане мој највисок приоритет.
Мои пријатели, ви ветувам дека додека живееме според учењето на Христос и му служиме на поединецот на начини што водат кон домот на Господ, ќе можеме да продолжиме напред со вера во Исус Христос, дури и среде неодговорени прашања и чувства на неважност, осаменост, обесхрабреност и невидливост. Ќе го поканиме поединецот да дојде кај Исус Христос и да служи во домот на Господ за да ја прими Неговата откупителна сила и љубов. Во домот на Господ, ќе ја почувствуваме „милоста на Спасителот. [Ќе] најдеме одговори на [нашите] најтешки прашања. [И ќе] ја разбереме подобро радоста од Неговото евангелие.“ Во името на Исус Христос, амин.