Генерална Конференција
Едноставност во Исус
Oктомври 2025 генерална конференција


11:18

Едноставност во Исус

Применувањето на Христовата доктрина на упростен начин ќе ни помогне да најдеме радост во нашите секојдневни животи.

1. Вовед

Пред триесет и три години, го добив мојот повик да отслужам како мисионер во Мисијата Јута Огден. За некој што доаѓа од Европа, одредени локални традиционални јадења од Јута, како што се „зелено желе со моркови“ и „компири за погреб“ се разбира, ми беа малку чудни!

Сепак, ми остави длабок впечаток посветеноста и учеништвото на повеќето светци, самата бројка на присутни на црковните средби, и обемот на целосно функционалните црковни програми. Кога мојата мисија заврши, сакав да бидам сигурен дека радоста што ја чувствував и духовната сила и зрелоста што ги забележав ќе бидат достапни и за моето идно семејство. Бев решен брзо да се вратам и да го живеам мојот живот „во сенките на вечните ридови.“

Но, Господ имаше поинакви планови. Првата недела откако се вратив дома, мојот мудар епископ ме повика да служам како претседател на Млади Мажи во нашиот оддел. Служејќи им на оваа прекрасна група млади мажи, брзо научив дека радоста што доаѓа од тоа да се биде ученик на Христос нема многу врска со големината на црковните средби или обемот на програмите.

Затоа, кога се венчав со мојата убава сопруга Маргарет, радосно одлучивме да останеме во Европа и да го подигнеме нашето семејство во нашата татковина Германија. Заедно сведочевме за она што претседателот Расел М. Нелсон го поучуваше пред многу години: „Радоста што ја чувствуваме нема многуврска со околностите во нашите животи туку сé се поврзува со фокусот на нашите животи.“ Кога во фокусот на нашите животи се Исус и Неговата евангелска порака, можеме целосно да ги доживееме благословите на учеништвото каде и да живееме.

2. Едноставноста што е во Христос

Во свет што станува сè повеќе секуларен, сложен и збунувачки, со различни и често спротивставени пораки и барања, како можеме да избегнеме да бидеме заслепени и со закоравени срца, и да останеме фокусирани на „јасните и скапоцени делови“ од евангелието на Исус Христос? Во време на збунетост, апостол Павле им даде одличен совет на Светците од Коринт, потсетувајќи ги да се фокусираат на „едноставноста која е во Исус.“

Доктрината на Христос и законот на евангелието се толку едноставни што дури и малите деца можат да ги разберат. Можеме да пристапиме до искупителната моќ на Исус Христос и да ги добиеме сите духовни благослови што нашиот Небесен Отец ги подготвил за нас преку практикување вера во Исус Христос, покајание, крштавање, осветување преку дарот на Светиот Дух и истрајување до крај. Претседателот Нелсон го опиша ова патување толку убаво како „патот на заветот“ и процес на станување „посветен ученик на Исус Христос.“

Ако оваа порака е толку едноставна, тогаш зошто често ни изгледа толку предизвикувачки да го живееме Исусовиот закон и да го следиме Неговиот пример? Можеби затоа што погрешно ја толкуваме едноставноста како нешто што лесно се постигнува без напор или трудољубивост. Следењето на Христос бара постојан труд и континуирана промена. Потребно е да го „[оставиме] природниот човек и да станеме како мало дете.“ Ова вклучува да имаме „доверба во Господ“ и да се ослободиме од сложеноста, исто како што го прават тоа малите деца. Примената на Христовата доктрина на поедноставен и насочен начин ќе ни помогне да ја пронајдеме радоста во нашето секојдневие, ќе ни даде насока во нашите служби, ќе одговори на некои од најсложените животни прашања и ќе ни даде сила да се соочиме со нашите најголеми предизвици.

Но како практично да ја примениме оваа едноставност во нашето животно патување како ученици на Христос? Претседател Нелсон нè потсети да се фокусираме на „чиста вистина, чиста доктрина и чисто откровение“ додека се стремиме да го следиме Спасителот. Редовното прашување: „Што би сакал Господ Исус Христос да направам?“ открива многу силна насока. Следењето на Неговиот пример обезбедува безбеден пат низ неизвесноста и сакана, рака која нè води и придружува секој ден. Тој е Кнезот на Мирот и Добриот Пастир. Тој е наш Утешител и Избавител. Тој е нашата Карпа и Засолниште. Тој е Пријател—твојот и мојот пријател! Тој нè поканува сите да го сакаме Бога, да се држиме до Неговите заповеди и да ги сакаме нашите ближни.

Кога ќе избереме да го следиме Неговиот пример и да продолжиме напред со вера во Христос, прифаќајќи ја силата на Неговото помирување и сеќавајќи се на нашите завети, љубовта ги исполнува нашите срца, надежта и исцелувањето го возвишуваат нашиот дух, а горчината и тагата се заменуваат со благодарност и трпение да ги дочекаме ветените благослови. Понекогаш, можеби ќе треба да се оддалечиме од некоја нездрава ситуација или да побараме професионална помош. Но, во секој случај, примената на едноставни евангелски принципи ќе ни помогне да ги надминеме овие предизвици на Господовиот начин.

Често ја потценуваме силата што ја добиваме од едноставни чинови како молитва, пост, проучување на светите писма, секојдневно покајание, земање на сакрамент секоја недекла и редовно богослужење во Господовиот дом. Но, кога ќе сфатиме дека ние треба да „направиме нешто големо“ и кога ќе се насочиме кон применување на чистата и едноставна доктрина, почнуваме да гледаме како евангелието „прекрасно функционира“ за нас, дури и во најтешките околности. Наоѓаме сила и „самодоверба пред Бога“, дури и кога доживуваме тага. Старешина М. Расел Балард многупати нè потсетуваше: „Во таа искреност [ние] ќе најдеме … спокој, радост и среќа.“

Примената на едноставноста што е во Христос нè поттикнува да ги ставиме луѓето пред процесите и вечните односи пред краткотрајните земните однесувања. Се фокусираме на „работите што ни се најважни“ во Божјото дело на спасение и возвишување, наместо да се заглавиме со управување со нашата служба. Си даваме слобода да дадеме приоритет на работите што можеме да ги направиме, наместо да бидеме оптоварени со работите што не можеме да ги направиме. Господ нè потсети: „Затоа, не бидете уморни во правење на добрини, зашто вие ја положувате основата за едно големо дело. И од малите нешта произлегува тоа што е големо.“ Какво моќно охрабрување да дејствуваме едноставно и понизно, какви и да се нашите околности.

3. Ома Числа

Мојата баба Марта Числа беше прекрасен пример за тоа како „малите и едноставни нешта“ можат да предизвикаат да се случат големи работи. Нагалено ја нарекувавме „Ома (Бабо) Числа“. На 30 мај 1926 година Ома го прифати евангелието во малото село Селбонген во Источна Прусија заедно со мојата прабаба.

Бабата на Старешина Числа (десно)

Марта Числа (десно) на денот на нејзиното крштавање.

Го сакаше Господ и Неговото евангелие и беше решена да ги чува заветите што ги склучила. Во 1930 година, таа се омажи за мојот дедо, кој не беше член на Црквата. Во тој момент, стана невозможно за Ома да присуствува на црковни средби, бидејќи имотот на мојот дедо беше далеку од најблиската конгрегација. Но, таа се фокусираше на она што можеше да го направи. Ома и понатака се молеше, ги читаше светите писма и ги пееше песните за Сион.

Некои луѓе можеби мислеа дека таа веќе не е активен верник, но тоа беше далеку од вистината. Кога се родија мојата тетка и татко ми, без свештенство во домот и без црковни средби или пристап до обреди во близина, таа повторно правеше сè што можеше и се фокусираше да ги научи своите деца „да се молат, и да чекорат исправено пред Господа.“ Им читаше од светите писма, пееше со нив песни за Сион и, се разбира, се молеше со нив — секој ден. Црковно искуство наполно насочено кон домот.

Во 1945 година, мојот дедо служеше во војната, далеку од дома. Кога непријателите се приближија до нивниот имот, Ома ги зеде своите две деца и го напушти својот сакан имот за да побара засолниште на побезбедно место. По едно тешко и животно загрозувачко патување, во мај 1945 година конечно најдоа засолниште во северна Германија. Немаа ништо освен облеката на своите тела. Но, Ома продолжи со она што можеше да го направи: се молеше со своите деца — секој ден. Им ги пееше песните од Сион што ги знаеше напамет— секој ден.

Животот беше исклучително тежок, и со години Ома се фокусираше само на тоа како да обезбеди храна на трпезата. Но во 1955 година, татко ми, тогаш 17-годишен, одеше во трговско училиште во градот Рендсбург. Додека минуваше покрај една зграда, забележа мал знак на надворешната страна на кој пишуваше „Kirche Jesu Christi der Heiligen der Letzten Tage“ — „Црква на Исус Христос на Светците од Подоцнежните Дни.“ Помисли: „Интересно, ова е Црквата на мајка ми.“ Затоа, кога се врати дома, ѝ кажа на Ома дека ја пронајде нејзината црква.

Можете да замислите како се чувствувала по речиси 25 години без контакт со Црквата. Беше решена да присуствува следната недела и го убеди татко ми да ја придружува. Рендсбург беше на оддалеченост поголема од 32 километри од малото село каде што тие живееја. Но тоа не ја спречи Ома да оди во црква. Следната недела, се качи на велосипед заедно со татко ми и отпатуваа до црквата.

Кога започна сакраменталната средба, татко ми седна во последниот ред, надевајќи се дека средбата брзо ќе заврши. Ова беше црквата на Ома, а не неговата. Она што го виде не беше многу охрабрувачко: само неколку постари жени присутни и двајца млади мисионери кои ефикасно водеа сé на средбата. Но потоа започнаа да пеат, и ги пееја песните за Сион што татко ми ги слушал уште од малечок: „Come, Come, Ye Saints,“ „O My Father,“ „Praise to the Man.“ Кога го слушна тоа мало стадо како ги пее песните што ги знаеше од детството, тоа го погоди во срцето, и тој веднаш, без никамнеж, знаеше дека Црквата е вистинита.

Првата сакраментална средба на кој присуствуваше мојата баба по 25 години беше средбата на која мојот татко доби лично потврдување на вистинитоста на обновеното евангелие на Исус Христос. Тој беше крстен три недели подоцна, на 25 септември 1955 година, заедно со мојот дедо и мојата тетка.

Поминаа повеќе од 70 години од таа мала сакраментална средба во Рендсбург. Често размислувам за Ома, како мора да се чувствувала во тие осамени ноќи, правејќи ги малите и едноставни нешта што била способна да ги прави — како молење, читање и пеење. Додека стојам денес на Генералната конференција и зборувам за мојата Ома, нејзината одлучност да ги одржи своите завети и да му верува на Господа, и покрај нејзините борби, моето срце е исполнето со искреност и благодарност — не само за неа, туку и за толку многу наши прекрасни светци ширум светот кои се фокусираат на едноставноста во Христос во нивните предизвикувачки околности, кои можеби токму во овој момент гледаат мала промена, но веруваат дека големи нешта ќе се случат некој иден ден.

4. Мали и едноставни нешта

Од лично искуство научив дека малите и едноставни нешта од евангелието, како и верното насочување кон Христос, нè водат кон вистинска радост, носат моќни чуда и ни даваат увереност дека сите ветени благослови ќе се исполнат. Ова е толку вистинито за вас, колку што е вистинито и за мене. Во зборовите на претседател Џефри Р. Холанд: „Некои благослови доаѓаат брзо, некои доцна, а некои не доаѓаат сè до рајот; но за оние што го прифаќаат евангелието на Исус Христос, тие доаѓаат.” И за ова сведочам во името на Исус Христос, амин.

Белешки

  1. Зелениот желе со моркови е локално јадење од Јута, каде што во ладното желе се додаваат рендани моркови; за компири за погреб, корнфлекс се премачкува на врвот од чинијата со компири. (види Rachel E. Teixeira, “Utah Food Lore,” Y Magazine [Summer 2022], magazine.byu.edu).

  2. Упатување на познатата последна реченица од Музика & и Кажаниот Збор, првпат претставена од Ричард Л. Еванс: „Повторно ве напуштаме од сенките на вечните ридови. Нека денот ви биде спокоен сега и засекогаш.“

  3. Russell M. Nelson, “Joy and Spiritual Survival,” Liahona, Nov. 2016, 82.

  4. 1 Нефи 13:28; види и стихови 26:-27,29.

  5. 2 Коринтјаните 11:3.

  6. Види Проповедај го Моето Евангелие: Водич за Споделување на Евангелието на Исус Христос (2023), 61; Поставки на Верата 1:4. Во врска со законот на евангелието, види и Општ Прирачник: Служението на Црквата на Исус Христос на Светците од Подоцнежните Дни, 27.2, Gospel Library.

  7. „Останете на заветната патека“ беше пораката на претседател Расел М. Нелсон до секој член на Црквата за време на неговото прво обраќање како претседател на Црквата на Исус Христос на Светците од Подоцнежните Дни (види “As We Go Forward Together,” Liahona, Apr. 2018, 7). Види исто така Russell M. Nelson, “Come, Follow Me,” Liahona, May 2019, 88–91.

  8. Russell M. Nelson, „Господ Исус Христос повторно ќе дојде,” Liahona, Nov. 2024, 122.

  9. Мосија 3:19.

  10. Изреки 3:5.

  11. Погледнете ги забелешките на старешина Патрик Киран за време на неговата неодамнешна посета на Филипините (во “Elder Patrick Kearon Concludes His Ministry to the Philippines,” Newsroom, July 20, 2025, newsroom.ChurchofJesusChrist.org).

  12. Russell M. Nelson, “Pure Truth, Pure Doctrine, and Pure Revelation,” Liahona, Nov. 2021, 6–7.

  13. Види Изреки 3:6.

  14. Види Исаија 9:6; Јован 11-14.

  15. Види Псалми 144:2; Исаија 49:13.

  16. Види Повторени закони 32:4; Исаија 91:2.

  17. Види Учење и Завети 93:45.

  18. Види Матеј 22:36–40; Јован 14:15; види исто така Gary E. Stevenson, “Bridging the Two Great Commandments,” Liahona, May 2024, 104-7.

  19. 4 Книга Царства 5:13.

  20. Dieter F. Uchtdorf, “It Works Wonderfully!,” Liahona, Nov. 2015, 23.

  21. Russell M. Nelson, “Confidence in the Presence of God,” Liahona, May 2025, 127.

  22. M. Russell Ballard, “The True, Pure, and Simple Gospel of Jesus Christ,” Liahona, May 2019, 30.

  23. Претседател Томас С. Монсон нè потсети да „не дозволиме проблемот што треба да се реши да стане поважен од личноста што треба да се сака.“ (“Finding Joy in the Journey,” Liahona, Nov. 2008, 86).

  24. M. Russell Ballard, “Remember What Matters Most,” Liahona, May 2023, 107; Dieter F. Uchtdorf, “Of Things That Matter Most,” Liahona, Nov. 2010, 20, 21.

  25. Учење и Завети 64:33.

  26. Алма 37:6.

  27. Учење и Завети 68:28. За целата приказна, види Armin L. Cziesla, Meine Lebensgeschichte (My History) (2021).

  28. “Come, Come, Ye Saints,” Hymns, no. 30.

  29. “O My Father,” Hymns, no. 292.

  30. “Praise to the Man,” Hymns, no. 27.

  31. Jeffrey R. Holland, “An High Priest of Good Things to Come,” Liahona, Jan. 2000, 45.