Генерална Конференција
Извршете го својот дел со сето свое срце
Oктомври 2025 генерална конференција


15:22

Извршете го својот дел со сето свое срце

Верувајте му на Спасителот и вклучете се, трпеливо и вредно, во извршување на вашиот дел со сето свое срце.

Минатата година за време на едно патување во Европа, го посетив моето старо работно место „Луфтханза“, германска авиокомпанија на аеродромот во Франкфурт.

За да ги обучи своите пилоти, Луфтханза оперира со неколку софистицирани целосно подвижни симулатори на летање што можат повторно да создадат било каква нормална и вонредна состојба на летање. Во текот моите долги години како капетан на авиокомпанија, на секои шест месеци бев обврзан да полагам контролен лет во симулаторот за летање за да ја одржувам активна мојата дозвола за летање. Добро се сеќавам на тие моменти на интензивен стрес и вознемиреност, но и на чувството на успех по положување на тестот. Тогаш бев млад и ми се допаѓаше предизвикот.

За време на мојата посета, еден од извршните директори на Луфтханза ме праша дали би уште еднаш да се обидам да летам на симулаторот Б747.

Пред да имам време целосно да го проанализирам прашањето, слушнав глас (кој звучеше неверојатно слично на мојот) како вели: „Да, многу би ми се допаднало тоа“.

Само што ги изговорив тие зборови, цунами на мисли ми го преплави умот. Помина долго време откако летав со 747. Во тоа време јас бев млад и самоуверен капетан. Сега како поранешен главен пилот се очекуваше дека мојот настап ќе биде добар. Дали ќе се посрамам пред овие професионалци?

Сега беше предоцна да се повлечам, затоа седнав на капетанското седиште, ги поставив рацете на познатите и омилени пилотски команди, и ја почувствував уште еднаш, возбудата од летот додека 747 со грмење се движеше по пистата и полета во симулираното диво синило зад себе.

Среќен сум што можам да кажам дека летот беше успешен, авионот остана недопрен, како и мојата слика за мене.

И покрај тоа, ова искуство беше понизно за мене. Во периодот кога моите перфоманси беа совршени, летањето ми стана нешто сосема природно. А сега, ми беше потребна целата моја концентрација, да ги извршам основните работи.

За Учеништво е потребна дисциплина

Моето искуство со симулаторот за летање беше важен потсетник дека за да се стане добар во било што - дали е тоа летање, веслање, шиење, копање со мотика, или знаење - потребна е постојана самодисциплина и вежбање.

Може да потрошите години за да стекнете одредена вештина или да развиете некој талент. Може да работите многу напорно што ќе ви стане нешто сосема природно. Но доколку мислите дека ова значи дека може да престанете да вежбате или да учите, постепено ќе го загубите знаењето и способностите што некогаш сте ги стекнале макотрпно.

Ова важи за вештини како што е учењето јазик, свирење на музички инструмент, и управување со авион. Истото важи и за постанување на Исусов ученик.

Едноставно кажано, за учеништво е потребна самодисциплина.

Тоа не е лежерен потфат, и не се случува случајно.

Верата во Исус Христос е дар, а неговото стекнување е избор на совеста кој бара посветеност на целата наша „моќ, ум, сила.“ Таа е нешто кон кое треба да се стремиме секој ден. Секој час. Потребно е постојано учење и решителна посветеност. Нашата вера, што е нашата лојалност кон Спасителот, зајакнува кога е искушувана од противникот со кого се соочуваме овде во смртноста. Таа истрајува бидејќи продолжуваме да ја потхрануваме, продолжуваме активно да ја применуваме, и никогаш не се откажуваме.

Од друга страна, ако не успееме да ја искористиме верата и нејзината убедувачка моќ, стануваме понесигурни за работите што некогаш сме ги сметале за свети—понесигурни за работите што некогаш сме знаеле дека се вистина.

Искушенијата што никогаш не би не завеле, започнуваат да изгледаат помалку ужасни, а попримамливи.

Огнот од вчерашното сведоштво може да нé загрее само привремено. Тоа треба постојано да се потпалува за да продолжи силно да гори.

Во Новиот завет, Спасителот поучува една парабола за некој учител кој на секој од своите слуги им задал света должност—одредена сума пари начечени таланти. Овие слуги кои вредно ги користеле своите таланти ги умножиле. Слугата кој го закопал својот талант, на крај го изгубил.

Што е поуката? Бог ни дава дарби—за знаење, за способност, за можности—и Тој сака да ги искористиме и да ги умножиме за да може да нé благословат и да ги благословат и другите Негови чеда. Ова нема да се случи ако ги поставиме овие дарби високо на полицата како трофеј на кој му се восхитуваме одвреме навреме. Нашите дарби нé величаат и се множат само кога ги користиме.

Вие сте надарени

„Но, старешина Ухтдорф“, може да кажете, „јас немам никакви дарби или таленти—барем, немам такви кои се толку вредни“. Можеби се споредувате со другите, чии дарби се очигледни и оставаат силен впечаток и во споредба со нив, вие се чувствувате сосема обично. Може да се претпостави дека во претсмртното постоење, на денот на големите дарби и таланти понудени на тацна, вашата чинија изгледала очајно празна—особено во споредба со преполнетите чинии на другите.

Ох, колку посакувам да ве прегрнам и да ви помогнам да ја сфатите оваа голема вистина: Вие сте благословени што сте светлината, духовното чедо на бесконечниот Бог! И вие во себе носите потенцијал што ја надминува вашата способност за имагинација.

Како што забележаа поетите, доаѓате на земјата „влечејќи облаци на слава!“

Вашата приказна за потеклото е божествена, а таква е и вашата судбина. Го напуштивте рајот за да дојдете овде, но рајот никогаш не ве напуштил!

Вие сте сé, само не обични.

Вие сте надарени!

Во Учењата и Заветите, Бог изјавил:

„Постојат многу дарби, а на секој [човек] му е даден дар од духот Божји.

„На некому се дава една, а на некому се дава друга, [за] да можат да имаат корист“.

Некои од нашите дарби се вброени во светите писма. Многу други не се.

Како што кажа големиот пророк Морони: „Не ги порекнувајте дарбите Божји, зашто ги има многу, и доаѓаат од истиот Бог“. Тие самите може да се манифестираат на „различни начини … ; но Бог е истиот кој врши сé во сé“.

Дозволете ми да споделам со вас дека нашите духовни дарби не се секогаш телесни, но тоа не значи дека се помалку важни. Ќе ми дозволите ли да споделам со вас неколку духовни дарби што ги забележав кај толку многу членови ширум светот? Размислете дали сте и вие благословени со некоја, или пак со повеќе од дарбите како што се:

  • Покажување сочувство.

  • Приметување на луѓе кои се занемарени.

  • Наоѓање на причини да се биде радосен.

  • Да се биде миротворец.

  • дарба за приметување на мали чуда.

  • Давање на искрени комплименти.

  • дарба за простување.

  • дарба за покајание.

  • дарба за истрајување.

  • дарба за едноставно објаснување на работите.

  • дарба за поврзување со децата.

  • дарба за поддржување на црковни водачи.

  • Дарба за покажување на другите да знаат дека припаѓаат.

Можеби нема да ги видите овие дарби прикажани на шоуто за теленти на оддел. Но јас се надевам дека можете да видите колку се тие скапоцени за Господовото дело и како можеби сте допреле, благословиле или дури и спасиле некое од Божјите чеда преку вашите дарби. Запомнете: „Преку мали и едноставни нешта се остваруваат големи работи“.

Затоа, ајде секој од нас да го изврши својот мал дел.

Направете го својот мал дел

Сакани мои браќа и сестри, почитувани пријатели, се молам Духот да ви помогне да ги препознаете дарбите и талентите што Бог ни ги дал. Потоа, дозволете ние, како и верните слуги Господовата парабола, да ги умножиме и да ги направиме поценети.

Ќе дојде денот кога ние ќе застанеме пред сочувствителниот Отец на Небесата за да дадеме запис за нашето управителство. Тој ќе сака да знае што сме направиле со дарбите кои Тој ни ги дал—конкретно, како сме ги искористиле за да ги благословиме Неговите чеда. Бог знае кои навистина сме, кој нé создал за да станеме, и затоа Неговите очекувања за нас се високи.

Но Тој не очекува од нас да направиме некаков голем херојски или натчовечки скок за да го постигнеме тоа. Во светот кој Тој го создаде, растот се случува постепено и трпеливо—но исто така доследно и неуморно.

Запамтете, Исус Христос е тој што веќе го извршил натчовечкиот акт кога Тој ја победил смртта и гревот.

Нашиот дел е да го следиме Христос. Нашиот дел е да се оттргнеме од гревот, да се свртиме кон Спасителот и да чекориме на Негов начин, малку по малку. Ако го правиме ова, совесно и верно, на крај ќе ги отфрлиме оковите на несовршеностите и маните и полека ќе станеме прочистени, до тој совршен ден кога ќе бидеме усовршени во Христа.

Благословите се во рамки на нашиот дофат. Ветувањата се на место. Вратите се широко отворени. Наш избор е дали да влеземе и започнеме.

Почетокот можеби е мал. Но тое е ОК.

Онаму каде верата е слаба, почнуваме со капка надеж во Исус Христос и во Неговата моќ за прочистување и чистота.

Нашиот Отец бара да му пристапиме на овој предизвик на вера и доживотно учење, не како случајни туристи туку како на сесрдни верници, кои го оставаат и напуштаат Вавилон и ги поставуваат своите срца, мисли и чекори кон Сион.

Ние знаеме дека нашите напори сами по себе не можат да нé осветат. Но тие можат да нé направат лојални и посветени на Исус Христијанинот, и Тој може да нé направи небесни(свети).

Поради нашиот сакан Спасител, не постои такво сценарио во кое нема победник. Ако ја довериме нашата надеж и вера во Него, нашата победа е осигурана. Тој ни ветува пристап до Неговата сила, моќ и изобилна милост. Чекор по чекор, малку по малку, ќе се приближуваме кон тој прекрасен и совршен ден кога ќе живееме со Него и со нашите сакани во вечна слава.

За да стигнеме дотаму, ние мора да го извршиме нашиот дел денес и секој ден. Благодарни сме за чекорите кои ги преземаме денес, но ние не застануваме таму. И ние знаеме дека сé уште имаме долг пат за одење, но не дозволуваме тоа да нé обесхрабри.

Ова е суштината на тоа кои сме ние—ние сме следбеници на Христос.

Го охрабрувам и благословувам секој член на Црквата и сите кои имаат желба да бидат дел од неа, да му веруваат на Спасителот и да се вклучат, трпеливо и посветено, во извршување на својот дел со цело ваше срце—за вашата радост да може да биде целосна, и за да, еден ден, го добиете сето она што го има Отецот. За ова јас така сведочам, во името на Исус Христос, амин.

Белешки

  1. Од капетаните на авионите се бара да се подложат на контролен лет со симулатор секои шест месеци за одржување на нивните вештини и обновување на нивната дозвола. Оваа ригорозна обука е регулаторен услов поставен од авијациските власти како што е Федерална администрација за авијација.

  2. Види 1 Коринтјаните 12:9.

  3. Морони 10:32.

  4. „Исто како што нашите физички мускули не можат да се развијат или да се одржат без да се спротивставиме на законот за гравитација, така и смртниот развој на човекот бара од нас да се спротивставиме на искушенијата на Сатаната и другите смртни спротивствувања“ (Dallin H. Oaks, “Divine Helps for Mortality,” Liahona, May 2025, 104).

  5. Види Алма 32:37–43.

  6. Види Матеј 25:14–30. Во првите денови од Обновувањето, Господ се повикувал на оваа парабола казнувајќи ги оние што ги крилеле талантите што Тој им ги беше дал. Тој дури и ги предупреди дека доколку продолжат да го кријат својот талант „[ќе] им биде одземено, и она што го имаат” (Учењата и Заветите 60:2–3).

  7. Понекогаш премногу ја нагласуваме важноста на дарбите и талентите за сметка на постојаниот напор. Еден од најпознатите автори на нашето време запишал: „Секако дека мора да постои одреден талент, но талентот е ужасно ефтина стока, поефтина од солта. Она што го издвојува талентираниот поединец од успешниот е многу напорна работа и проучување; напрекинат процес на брусење“ (Stephen King, Danse Macabre [2011], 88).

  8. “Ode: Intimations of Immortality from Recollections of Early Childhood,” The Poetical Works of William Wordsworth (1835), 249.

  9. Учењата и Заветите 46:11–12.

  10. Морони 10:8.

  11. Години наназад, Старешина Марвин Џ. Аштон од Кворумот на Дванаесетте Апостоли даде призната порака за некои од помалку очигледните дарби (види “There Are Many Gifts,” Ensign, Nov. 1987, 20–23).

  12. Алма 37:6.

  13. види Колосјаните 3:23;; Учењата и заветите 64:34.

  14. Види Учењата и заветите 50:24.

  15. Види Guide to the Scriptures, “Agency.”

  16. Види Учењата и заветите 84:38.