Помирете се со Бога
Помирувањето со Бог, преку помирувањето на Исус Христос, води кон непоколеблива вера.
Додека ги проучувам светите писма, наидувам на зборови кои навистина ми го привлекуваат вниманието, главно затоа што имаат посебно значење како резултат на искуствата што сум ги имал во текот на животот. Кариерата ја поминав работејќи како форензички сметководител. Со тоа искуство позади мене, зборот помирува особено ми го привлекуваше вниманието кога и да ги читав светите писма. Мојата работа беше да ги усогласам пријавените износи со финансиските записи, применувајќи сметководствени, ревизорски и истражувачки вештини. Со други зборови, мојата цел беше да ги усогласам финансиските извештаи со оригиналните финансиски документи за да обезбедам точност и веродостојност. Вложував многу труд да ги разрешам несогласувањата, и беше вообичаено да се посвети долго време на решавање дури и на најмалите разлики.
Апостол Павле ги молел Коринтјаните да се „помират со Бога!.“ Да се помириме со Бога значи да постигнеме хармонија со Него, или да го обновиме односот со Бога кој бил нарушен или прекинат поради нашите гревови или постапки. Едноставно кажано, да се помириме со Бога значи да ја усогласиме нашата волја и постапки со Божјите, или како што учеше Претседателот Расел М. Нелсон, да му дозволиме на Бог да надвладее во нашите животи.
Како што учат светите писма, ние сме слободни да дејствуваме самостојно, „да го избереме патот на вечна смрт, или патот на вечен живот.“ Но, ако не сме трудољубиви, оваа слобода на самостојно дејствување може да доведе до губење на усогласеноста со Божјата волја.
Пророкот Јаков учеше дека кога сме во неслога или неусогласеност со Бога, единствениот начин на кој можеме да постигнеме помирување е „да бидете помирени со Него преку помирувањето на Христос.“ Мораме да сфатиме дека помирувањето зависи од милосрдието, што имплицира дека милостивиот чин на искупување на Исус Христос го овозможува помирувањето.
Додека размислувате за својот живот, сетете се на времето кога сте се чувствувале далеку од Небесниот Отец затоа што сте се оддалечиле од Него. На пример, можеби сте го занемариле молењето кон Него или сте ги занемариле Неговите заповеди. И како што избираме да се оддалечиме од Бога, ние мора да избереме да го започнеме процесот на помирување. Господ ја нагласи нашата одговорност кога рече: „Приближете се кон Мене и јас ќе се приближам кон вас; барајте ме трудољубиво и ќе ме пронајдете; барајте, и ќе добиете; тропнете, и ќе ви биде отворено.”
Како Спасителот ни помага да го обновиме и да го хармонизираме овој важен однос? Јас лично напредувам значително на моето патување кон помирување со Бог кога го следам советот што го даде Претседателот Нелсон и се покајувам секој ден. Причината за ова е што помирувањето значи обновување на прекинатиот однос, особено меѓу Бога и човештвото, преку отстранување на пречката на гревот.
Едно од големите помирувања во светите писма е она на Енос. Нешто во неговиот живот било неусогласено со Бога. Тој беше пример за тоа како да се потпреме на Помирувањето на Исус Христос за да се усогласиме со Бога. Ја објасни неговата желба за покајание, неговата понизност, неговата фокусираност и неговата одлучност. Неговото помирување со Бога беше потврдено кога еден глас допре до него велејќи: „Еносе, твоите гревови се простени, и ти ќе бидеш благословен“. Енос препозна како покајанието и помирувањето влијаеле врз него кога рече: „И јас, Енос, знаев дека Бог не може да лаже; затоа, мојата вина беше избришана.”
Помирувањето носи не само олеснување од чувството на вина, туку и спокој во себе и мир со другите. Тоа ги зацелува односите, ги омекнува срцата и го зајакнува нашето учеништво, со што стекнуваме поголема доверба пред Бога. Она што ми дава голема надеж и самодоверба е уште еден плод на помирувањето, опишан од Енос кога тој рече: „И откако јас, Енос, ги бев слушнал овие зборови, мојата вера во Господа стана непоколеблива“.
Кога бев дете, мојот дедо по мајка имаше голем црешов овоштарник. Имав можност да работам во овоштарникот, претежно во лето за време на бербата на црешите. Како многу малo дете, сфатив дека мојата улога се состоеше во тоа да ми подадат кофа и да ме испратат да се качам на дрво за да ги берам црешите.
Бербата на цреши значително се промени кога дедо ми купи машина наречена „тресач на цреши“. Оваа машина ги фаќа дршките на стеблото и го тресе, предизвикувајќи црешите да паднат на мрежи кои се користат да се соберат црешите. Забележав дека кога машината за тресење ќе почнеше да го тресе дрвото, речиси сите цреши паѓаа од него за неколку секунди. Исто така забележав дека без разлика дали дрвото се тресеше 10 секунди или цела минута, некои цреши не паѓаа. Тие беа навистина отпорни на тресење.
Тресењето на цреши од некое дрво е можно поради ослободувањето на етилен. Овој хормон го ослабува слојот на клетки меѓу дршката на црешата и стеблото. Затоа, дршката на зрела цреша полесно се одвојува од дрвото поради ослабената врска.
Во светите писма учиме дека „Јесеевата Пењушка“ е метафора за Месијата, Исус Христос, за кого беше претскажувано дека ќе дојде од потомството на Јесеј, такото на цар Давид. Како што етиленот ја ослабува врската на стеблото со зрелата цреша, така и непокорноста, сомнежите и стравовите можат да ја ослабат нашата врска со стеблото на Јесеј, или Исус Христос, дозволувајќи ни да бидеме лесно протресени и одвоени од Него. Колку и да сме верни, мораме да внимаваме да не ја ослабнеме нашата врска со Исус Христос.
Во Учењата и Заветите, дури и на верните им е дадено предупредување: „Но постои можност човештво да може да отпадне од благодатта и да се одврати од живиот Бог.“ Господ продолжува: „Да, … и дури и оние кои се осветени треба да обрнат внимание“. За да избегнеме отпаѓање, Господ советува: „Затоа нека се припази црквата и секогаш да се моли, за да падне во искушение“.
Некој може да ја изедначи состојбата на лесно протресливост со она што светите писма го опишуваат како да се биде зрел за уништување – состојба што носи неизбежни последици за дејствијата. Овој израз може да се примени уште пошироко за да означи состојба на распаѓање, корупција или отпаѓање, која прави некој или нешто да бидат подложни на колапс или пропаст.
Што претставува оваа созреаност? Дали таа значи дека можеме да достигнеме точка од каде не можеме да се промениме? Не, мислам дека созреаноста значи дека можеме да достигнеме момент кога не сме волни да се промениме. Противотровот за да не станеме созреани за деструкција е да ги правиме работите што ќе ја зајакнуваат нашата врска со Исус Христос. Како што беше спомнато, покајанието го одоведе Енос до точка на непопустлива вера. Во одвраќањето од гревот има сила—редовното, охрабрувано и често покајание. Како што нè научи Претседателот Нелсон: „Ништо не е поослободувачко, повозвишувачко или поклучно за нашиот личен напредок од редовното, секојдневно фокусирање на покајанието“.
Покрај покајанието, пророкот Јаков поучува дека свесноста за Божјата рака во нашиот живот, барањето и добивањето на откровение, и слушањето на Бога кога Тој зборува, сето тоа ни помага да не бидеме разнишани. Јаков исто така поучува: „Затоа, ги истражуваме пророците, и имаме многу откровенија и дух на пророштво; а имајќи ги сите тие сведоштва добиваме надеж, и нашата вера да стане неразнишлива.“ Слушањето на зборовите и поканите на пророците и апостолите, и дејствување според нив, може да нè исполни со надеж, самодоверба и сила, што резултира со тоа нашата вера да стане неразнишлива.
Научив дека желбата да се биде усогласен со Бога мора да биде придружувана од желба за покајание. Покајанието и уживањето на благословите од Помирувањето на Исус Христос водат кон неразнишлива вера. Непоколебливата вера води кон желба секогаш да бидеме помирени со Бога. Ова е еден кружен, или итеративен модел.
Браќа и сестри, ве поканувам да бидете помирени со Бога преку Помирувањето на Исус Христос. Јас сведочам дека склучувањето и држењето до заветите силно ја зајакнува нашата поврзаност со Спасителот, благодарение на што избегнуваме да станеме зрели за деструкција. Сведочам дека ова помирување со Бога, преку Помирувањето на Исус Христос, води кон неразнишлива вера.
Знам дека Небесниот Отец нè сака, мене и вас, и Тој го испрати Својот Возљубен Син, Исус Христос, да биде наш Спасител, Искупител и Големиот Измирувач. Сведочам за Исус Христос и го правам тоа во името на Исус Христос, амин.