2025
„Јас ќе ги исцелувам“
Февруари 2025


„Јас ќе ги исцелувам“, Лиахона, февруари 2025.

Месечна Порака на Лиахона , февруари 2025 год.

Јас ќе Ги Исцелувам

Исцелителната служба на Спасителот е божествена увертира и ветување за трајно исцелување: физичко и емоционално кое ќе дојде до секој од нас за време на Воскресението.

Библиска видео слика на која Исус теши некоја жена

Сè уште живо се сеќавам на некои од долгите летови на кои летав за време на мојот професионален живот како капетан на авиокомпанијата.

На еден од нив, ќе полетав во Германија во 11:00 часот претпладне а ќе се приземјев истиот ден во Калифорнија во 13:00 часот. Ако го споредиме локалното време на полетување и слетување, може да изгледа дека летот преку Атлантскиот Океан и Северно американскиот континент траел само два часа. Боингот 747 беше брз, но не толку брз! Во реалноста, за да се пропатуваат 5.600 милји (9.000 км) беа потребни околу 11 часа, во зависност од ветрот.

Бидејќи летавме кон запад, сонцето никогаш не заоѓаше за време на летот. Уживавме во дневната светлина од Германија сé до Калифорнија.

зајдисонце над облаците

Меѓутоа, враќањето во Германија, беше сосема поинаква приказна. Иако полетувавме рано попладне, додека летавме кон исток, сонцето заоѓаше побрзо од вообичаено, и пред да станеме свесни за тоа, ноќта веќе паѓаше.

За време на овие долги летови, мојата душа често беше исполнета со восхит додека размислував за убавината на оваа земја и воспоставениот редослед на Божјата креација. Дури и кога летав навечер, во целосна темнина, знаев со сигурност дека сонцето ќе изгрее повторно, дека пред крајот на нашето патување силната светлина ќе се врати и ќе донесе топлина и живот за новиот ден. Околностите на мојот лет можеби направија да изгледа како сонцето да заоѓа побавно или побрзо, но знаев дека сонцето остана постојано, стабилно и сигурно во небесата.

месечина над облаците

И јас го чувствувам истото за Бога. Можам да почувствувам радосна надеж и траен мир кога размислувам за нашето смртно постоење, бидејќи имам длабока втемелена увереност за Божјата мудрост и цел за сите Негови креации. Ние сме Божји чеда. Тој Нè сака. Ги знае нашите околности. Тој е подготвен да помогне. Овие вистини не се менуваат, дури и кога другите работи околу нас изгледаат нестабилни и непредвидливи.

Сите ние доживуваме мрачни моменти, тага и несигурност кои го загрозуваат нашиот мир. Колку сум благодарен за непогрешливиот и вистински извор на вистина и светлина (види Учења и Завети 88:6–11). Исус Христос е светлината и животот на светот. Поради Него и Неговата помирувачка жртва, имаме надеж за иднината, пристап до божествената светлина за да ги осветли мрачните денови од нашето патување и ветувањето за конечна победа над гревот и смртта.

„Тој го сака светот“

Исус Христос беше единствениот совршен човек кој некогаш одел по земјата. Поради Неговиот совршен живот, Тој не и должеше ништо на правдата. Од љубов кон нас, Тој го даде Својот живот за секој од нас поединечно и за сите Божји чеда заедно, за да ја отвори вратата на бесмртноста и вечниот живот.

И покрај она во што Сатаната сака да веруваме, никој од нас не е над Спасителовата способност да нè избави. Никој од нас не е дисквалификуван од Божјата милост на простувањето. Никој од нас не е над тоа да се биде „вечно прегранат во прегратките на Неговата љубов“ (2 Нефи 1:15).

Овој најголемиот од сите дарови доаѓа од овозможувачката и искупителна моќ на Помирувањето на Исус Христос. Поради страдањето на Спасителот во Гетсиманија и Голгота, Тој знае како да нè спаси и да ни помогне да ги надминеме сите наши слабости (види Алма 7:12).

„Спасителот не правеше ништо што не е за доброто на светот; зашто тој го сакаше светот, што дури и го положи сопствениот живот за да ги привлече сите луѓе кон себе.” (2 Нефи 26:24).

Исус Христос е нашата сила!

Тој посегнува.

Тој обновува.

Тој избавува.

„Кога Спасителот [ја даде Неговата искупителна жртва] за целото човештво, Тој отвори пат за Неговите следбеници да имаат пристап до Неговата исцелителна, зајакнувачка и искупителна моќ“, вели Претседателот Нелсон.

Таа моќ, како и моќта на сонцето, е секогаш тука. Во неа никој не се посомневал. Изборот да ги следиме стапките на Спасителот е како да ja напуштиме сенката и да зачекориме кон сончевата светлина, каде што можеме да ги добиеме благословите на Божјата светлина, топлина и љубов. Јас знам дека еден ден, ќе погледнеме наназад и ќе бидеме исполнети со благодарност што ја донесовме вечно важната одлука да му веруваме на Исус Христос и на Неговата божествена љубов за да нè охрабрува и зајакнува.

„Вратете се кај мене“

Книгата на Мормон раскажува за еден народ кој по распнувањето на Спасителот поминал три дена во најдлабока темнина. Мракот околу нив би можело да ја симболизира духовната темнина која сите ние ја доживуваме поради грев. Тогаш народот го слушна гласот на Христос кој ги повика да излезат од мракот во Неговата светлина:

„Зарем нема сега да се вратите кај Мене, и да се покаете за своите гревови, и да се преобратите, за да ве исцелувам?“ (3 Нефи 9:13).

„А ќе ми принесете за жртва скрушено срце и покајанички дух“ (3 Нефи 9:20).

„Покајте се и вратете се кај мене со целосна одлучност на срцето” (3 Нефи 10:6).

Спасителот ни ги упатува истите тие покани и денес кога ќе се најадеме изгубени во мракот. Како што секое изгрејсонце означува почеток на нов ден, така секогаш кога ќе се покаеме, добиваме нов почеток, светол нов почеток.

Тоа не значи дека е лесно. Покајанието значи промена, а промената не се случува брзо. Иако радосно, покајанието вклучува „божествена тага“ (2 Коринтјаните 7:10). Тоа бара да ги признаеме и да ги исповедаме нашите погрешни постапки, барајќи прошка од Бога и од оние на кои можеби сме им наштетиле. Најмногу од сè, тоа бара да го бараме „Духот на Господ Семоќниот“, за да можеме да доживееме „моќна промена во … нашите срца, за да повеќе немаме склоност да правиме зло, туку постојано да правиме добрини“ (Мосија 5:2).

Овој вид на промена е долго патување, но штом ќе го направите првиот чекор, „денот на вашето спасение“ почнува, и „големиот план на искупување веднаш ќе биде спроведен за вас“ (Алма 34:31).

Преку нашето искрено покајание, Бог ветува простување и заборавање на нашите гревови. Кога ни е тешко да ги заборавиме нашите гревови, ајде да се потрудиме да веруваме во Господовото ветување дека ќе ни прости и да научиме да им простуваме на другите и на себеси.

„Нашите духови се оштетуваат кога грешиме и правиме гревови“, учеше претседателот Бојд К. Пакер (1924-2015). „Но, за разлика од случајот со нашите смртни тела, кога процесот на покајание е завршен, поради Покајанието на Исус Христос не остануваат лузни“.

Слика на Исус како исцелува слеп човек

Исцелување на Слепиот Човек, од Карл Хајнрих Блох

„Донесете ги овде“

Спасителот е Главниот Исцелител. Една од најубавите демонстрации на Неговата исцелувачка моќ се наоѓа во Книгата на Мормон, во записот за Неговата лична служба во древна Америка:

„Има ли некој болен меѓу вас?“ Тој прашал. Донесете ги овде. Имате ли некои кои се тромави, или слепи, или повредени, или сакати, или лепрозни, или искушувани, или глуви, или кои се погодени на некаков начин? Доведете ги овде и јас ќе ги исцелувам, зашто сочувствувам со вас; утробата ми е исполнета со милост. …

„И се случи дека кога тој така зборуваше, целото мноштво, во еден глас, истапи со своите болни и своите напатени, и нивните куци, и со нивните слепи, и со нивните неми, и сите измачувани на било каков начин; и тој го исцели секој од нив како што беа носени кај Него“ (3 Нефи 17:7, 9).

Секој пат кога Спасителот исцелувал некој „заболен на било каков начин“, пред и по Неговото воскресение, тоа било сведоштво за Неговата врвна моќ да ги исцели нашите души. Секое чудесно исцелување било само увертира и ветување за трајното физичко и емоционално исцелување кое ќе дојде до секој од нас при Воскресението, кое „е Господовиот севкупен чин на исцелување“.

Вистина е дека нашите молитви за исцелување во овој живот не секогаш се одговорени на начинот на кој се надеваме, но тие никогаш не се игнорираат. Ќе дојде време за исцелување, исто како што темнината на ноќта секогаш се заменува - во вистинско време - со славното изгрејсонце.

Како што Претседателот Нелсон сведочеше: „Нашата верба никогаш не е неценета. Знам дека перспективата на семудриот Небесен Отец е многу поголема од нашата. Додека ги знаеме нашите смртни проблеми и болка, Тој го знае нашиот потенцијал и патот кон бесмртност. Ако се молиме за да ја дознаеме Неговата волја и да се покориме на неа со трпение и храброст, небесното исцелување може да се случи на Негов начин и во Негово време“.

Неодамна мојата сопруга Хариет и јас, во нашите молитви вклучивме посебна надеж и пледирање во име на некого кого го сакаме. Се молевме тимот кој се грижеше за нивното здравје да добие посебна способност за лекување на нивните болести. Импресионирани додадовме дека дури и да не се излечат или закрепнат веднаш, исцелувачката моќ на Спасителот да може да им донесе утеха и мир. Исцелувачкиот ефект на искупителната моќ на Спасителот може да има уште поголемо влијание врз нашето емоционално, духовно, па дури и физичко здравје отколку кој било земен лек што би можеле да го добиеме. Исус Христос е Исцелителот во овој живот и во вечноста.

Почитувани мои браќа и сестри, почитувани пријатели, сведочам дека милоста на нашиот Спасител е доволна за да ги излечи вашите рани, да ве исчисти од грев, да ве зајакне за искушенијата што ќе дојдат, и да ве благослови со надеж, со мудрост и со Неговиот мир. Неговата моќ е секогаш тука— постојана и веродостојна— дури и кога ние, за некое време, се чувствуваме оддалечени од Неговата љубов, светлина и топлина.

Се молам никогаш да не го изгубиме нашето чувство на восхит и длабока благодарност за сè што Исус Христос го направи за нас. Ве молам знајте дека вие сте совршено сакани и запомнете кое е вашето ветување за вечноста.

„И нека ви даде Бог вашите товари да бидат лесни, преку радоста за Неговиот Син“, Исус Христос (Алма 33:23).

Белешки

  1. Расел М. Нелсон, “Моќта на Духовниот Моментум,” Лиахона, Мај 2022, 100.

  2. Види Dieter F. Uchtdorf, „You Can Do It Now!“, Liahona, Nov. 2013, 57.

  3. Boyd K. Packer, „The Plan of Happiness“, Liahona, May 2015, 28.

  4. Russell M. Nelson, „Jesus Christ—the Master Healer“, Liahona, Nov. 2005, 87.

  5. Russell M. Nelson, „Jesus Christ—the Master Healer,“ 86.