Месечна порака на Лијахона, мај 2025
Самодоверба во Присутноста на Бога
Додека вредно се стремиме милосрдието и доблеста да ги исполнуваат нашите животи, нашата самодоверба во пристапувањето кон Бога ќе се зголеми.
Почитувани мои браќа и сестри, благодарен сум што ви говорам денес на оваа важна генерална конеренција. Моите очи и понатака стареат. Ви благодарам за вашето разбирање додека ја пренесувам мојата порака.
Ги живееме деновите на големиот моментум во Црквата на Исус Христос на Светците на Подоцнежните Дни. Ме исполнува радост кога гледам како напредувате во толку многу области.
Особено сум инспириран од нашата младина. Тие им нудат служба на многумина. Ги бараат своите предци и извршуваат обреди во храмот. Нашите млади мажи и жени поднесуваат апликации за мисионерска служба во рекорден број. Растечката генерација израснува во лојални следбеници на Исус Христос.
Неодамна ја запознав новата пра-правнука. Кога размислувам за предизвиците со кои таа ќе се соочи во животот, чувствувам огромна желба да ѝ помогнам да изгради верба во Исус Христос. Живеењето на Неговото евангелие е суштинско за нејзината идна среќа.
Таа, како и секој од нас, ќе се соочи со предизвици. Сите ние ќе доживеаме болест, разочарување, искушение и загуба. Овие предизвици можат да ја разнишаат нашата самодоверба. Сепак, учениците на Исус Христос имаат пристап до поинаква самодоверба.
Кога склучуваме и одржуваме завети со Бога, можеме да имаме самодоверба која се раѓа од Духот. Господ му кажал на пророкот Џозеф Смит дека нашата самодоверба може да „зајакне во присуство на Бога“. Замислете колкава утеха имаме што имаме самодоверба во присутноста на Бога!
Кога зборувам за присутната самодоверба пред Бога, мислам на имањето самодоверба да му се пристапи на Бога токму сега! Мислам на молитва со самодоверба дека Небесниот Отец нè слуша, и ги разбира нашите потреби подобро од нас самите. Мислам на постоење самодоверба дека Тој нè сака повеќе отколку што можеме да сфатиме, и дека ни испраќа ангели да бидат со нас и со оние кои ги сакаме. Мислам на постоењето самодоверба дека копнее да му помогне на секој од нас да го достигне сопствениот највисок потенцијал.
Сега, како ја стекнуваме ваквата самодоверба? Господ одговара на ова прашање со следните зборови: „Нека твојата утроба … биде исполнета со милосрдие кон сите луѓе, … и нека доблеста ги краси твоите мисли постојано; тогаш твојата самодоверба ќе зајакне во присуството Божје“.
Еве го клучот! Според зборовите на самиот Господ, милосрдието и доблеста го отвораат патот за да се има самодоверба пред Бога! Браќа и сестри, ние можеме да го направиме ова! Нашата самодоверба навистина може да зајакне во присуството Божје, токму сега!
Ајде да ги разгледаме и двете и милосрдието и доблеста.
Најнапред, милосрдието. Пред две години, ви упатив покана, како заветени следбеници на Исус Христос, да бидеме миротворци. Го повторувам она што ви го реков и тогаш: „Гневот никогаш не e убедлив. Антагонизмот не го гради карактерот на ниту еден човек. Несогласувањето никогаш не води до инспиративни решенија“.
Вистинското милосрдие кон сите луѓе е обележје на миротворците! Императив е да имаме љубезност кон оние кои имаат потреби во нашиот дискурс, како јавен така и приватен. Им се заблагодарувам на сите оние кои сериозно го сфатија мојот претходен совет. Но секогаш можеме подобро.
Актуелното непријателство во јавниот дијалог и на социјалните мрежи е алармантно. Зборовите полни со омраза се смртоносни оружја. Несогласувањето го спречува Светиот Дух да биде наш постојан придружник.
Како следбеници на Исус Христос, ние треба да го предводиме патот како миротворци. Кога добротворноста станува дел од нашата природа, го губиме импулсот да ги понижуваме другите. Ќе престанеме да ги осудуваме другите. Ќе имаме милосрдие за луѓето од сите сфери на животот. Милосрдието кон сите луѓе е суштинско за нашиот напредок. Милосрдието е основата на божествениот карактер.
Ајде да пледираме со нашиот Небесен Отец да ги исполни нашите срца со поголема милосрдност—особено кон оние кои се тешки за сакање, бидејќи милосрдието е дар од нашиот Небесен Отец за вистинските следбеници на Исус Христос. Спасителот е Прицот на Мирот. Ние сме тука за да бидеме Негови инструменти за мир.
Сега, да зборуваме за доблеста. Господ ни кажува постојано да ги разубавуваме нашите мисли со доблест. Замислете го поттикот што ќе го добиете за секоја позитивна мисла кога ќе ја збогатите со доблест. Доблеста прави сè да биде подобро и посреќно! Од друга страна, замислете што ќе се случи кога ќе додадете доблест на нечиста, на сурова, или на депресивна мисла. Доблеста ќе ги отфрли тие мисли. Доблеста ќе ве ослободи од вознемирените, проблематични мисли.
Браќа и сестри, како што светот станува сé позлобен и позлобен, ние мора да стануваме сé почисти и почисти. Нашите мисли, зборови и постапки мора да бидат доблесни и исполнети со чистата љубов на Исус Христос кон сите луѓе. Имаме одлична можност да станеме луѓето какви што Бог очекува да бидеме.
Редовното богослужење во домот на Господ го зголемува нашиот капацитет за добродетелство и милосрдие. Исто како што, времето поминато во храмот ја зголемува нашата самодоверба пред Господ. Ни помага и да се подготвиме за Второто доаѓање на нашиот Спасител, Исус Христос. Ние не го знаеме денот или часот на Неговото доаѓање. Но јас знам дека Господ ме охрабрува да ве поттикнам да сте подготвени за тој „голем и суден ден“.
Додека трудољубиво настојуваме милосрдието и доблеста да го исполнат нашиот живот, нашата самодоверба во пристапувањето кон Бога ќе се зголеми. Ве поканувам да ги преземете потребните чекори за да порасне вашата самодоверба пред Господа. Како што одиме кон нашиот Небесен Отец со растечка самодоверба, ќе бидеме исполнети со поголема радост и вашата вера во Исус Христос ќе стане посилна. Ќе почнеме да доживуваме духовната моќ што ги надминува нашите најголеми надежи.
Благодарни сме му на Господа за забрзаната изградба на храмовите во последниве години. Под негово раководство, денес објавуваме планови за изградба на храм на секоја од овие 15 локации:
-
Рејноса, Мексико
-
Чориљос, Перу
-
Ривера, Уругвај
-
Кампо Гранде, Бразил
-
Порто, Португалија
-
Ујо, Нигерија
-
Сан Хозе дел Монте, Филипини
-
Нумеа, Нова Каледонија
-
Ливерпул, Австралија
-
Колдвел, Ајдахо
-
Флагстаф, Аризона
-
Рапид Сити (Јужна Дакота)
-
Гринвил, Јужна Каролина
-
Норфолк, Вирџинија
-
Спаниш Форк, Јута
Јас сведочим дека Исус Христос, Искупителот на Израел, ја води оваа, Негова црква. Тој се подготвува да дојде повторно. Ајде и ние да се подготвиме да Го примиме. За ова јас се молам, во името на Исус Христос, амин.
© 2025 by Intellectual Reserve, Inc. All rights reserved. Печатено во САД. Одобрено на англиски: 6/19. Одобрен превод: 6/19. Превод на Monthly Liahona Message, May 2025. Macedonian. 19602